Патот на аџиите – репортажа од Израел

Во прилог Ви ја пренесуваме репортажата од личност која како дел од погелема група од Македонија ја посети светата земја и своето искуство го сподели со нас

Израел

Да се раскаже Израел е тешка задача, да се осети Израел е премногу едноставно, таму сѐ зрачи со јака и посебна енергија.

Израел преку слики и зборови, може да биде најдоброто четиво за секој кој сака да го види и осети.

Центарот на светот, е точно во Израел. На меѓата меѓу  Европскиот, Азискиот и Африканскиот Континент, е сместена светата земја. Секогаш мислев дека името света земја, го има добиено поради настаните поврзани за религиите, чии копја секогаш се кршат токму на ова територија, но приказните директно од светата земја, кажуваат нешто друго. Светата земја, го добила своето име, затоа што бог и подарил овошја и зеленчуци, кои можеле во тоа далечно време, да растат без да имаа потреба човек да ги одгледува, самиот бог се грижел за светите, да добијат вода преку дожд, да бидат плодни, да дадат храна за луѓето кои живееле на плодната земја. Тие свети растенија, се денеска добро познатите, маслинки, урми, грозје, калинки, смокви, пченица и пченка.

Овие култури и денеска се дел од совремниот Израел, но секако дека сега одгледувањето е во рацете на земјоделците.

Галилеја

Првото место кое го посетивме, е добро познатата Галилеја, пределот за кој тврдат дека го има задржано скоро истиот пејсаж од времето кога проповедал Исус. Галилеја е место кое ве смирува комплетно, не дозволува да вe обземе ниедна негативна емоција. Ве обзема смиреност и желба да комуницирате со целата таа недопрена природа и да почнете да ја чувствувате светоста на ова парче земја.

Галилејската земја е позната како место од каде Исус ги почнал своите проповеди, место каде го направил чудото со рибите, со виното, со лечењето на болните и место каде се наоѓал неговиот кабинет.

Галилеја е исто така позната по малите селца, од кои едното од нив е родното место на Марија Магдалена. Таму се наоѓа и Назарет, местото од каде потекнуваат родителите на Исус и местото каде ангелот Гаврил ја известил Дева Марија дека ќе забремени од светиот дух.

Кана Галилејска е местото каде се случило чудото на свадбата кога водата ја претворил во вино.

Во рамките на Галилеја, едно од најистакнатите места е Капернаум. Тоа е местото каде што живеел Свети Петар и останатите рибари. Ова место е познато по чудата кои Исус ги покажал, лечејки многу болни луѓе. Во тоа време ова место се сметало како министерство на Исус, место каде Исус се криел од властите, место каде Исус се чувствувал како свој на своето. Има предание дека галилејското море секогаш ги следело емоциите на Исус. Кога Исус бил смирен и морето било смирено, кога Исус имал разбранувани емоции и галилејското море се бранувало.   

На местото каде што се наоѓала куќата на Свети Петар, сега има изградено католичка црква, од каде се гледаат остатоците од старата куќа на Свети Петар.

На територијата на Галилеја, има доста мали и поголеми цркви, кои се направени од архитектот Антонио Барлуци, и во архитектурата на градбите го отсликал настанот кој се случил. 

 Во Галилеја расте едно дрво, за кое се смета дека е дрвото на кое се обесил Јуда, откако го предал Исус. Затоа цветовите имаат таква црвена боја, розева, од срам за делото што го направил.

Ретко кој ја напушта Галилеја, без да ја проба рибата на Свети Петар. Необично вкусно…

КИБУЦИ

Низ целиот Израел, се наоѓаат посебни заедници, наречени Кибуци, кои имаат сопствена територија и свој уникатен начин на живот. За да бидете член на Кибуцот, потребно е да сте религиозен Евреин, да сакате да живеете во заедница и да сакате многу да работите. Организирани се со заедничка кујна, заедничко место за перење, заедничка градинка. Секој во кубуцот си ја знае својата работна задача која ќе мора да ја извршува многу одговорно. Во рамките на Кибуцот Лави, се наоѓа и хотел во кој ние престојувавме и тој е сопственост на 169 фамилиии од Кибуцот. Хотелот е извор на приходи кои ги остваруваат. Исто така се занимаваат и со производство на дрвени предмети за поголемите синагоги во светот.

Секој кој сака да излезе, секако му е дозволено, со тоа што му се исплаќа одредена сума на пари, како благодарност за работата која ја вршеле додека биле во Кибуцот.

Верата е една од најголемите двигатели на секој од нив, па така во рамките на Кибуцот има и синагога, голема библиотека во која секојдевно учат и посебна просторија во која го чуваат житиеето за секој починат член. Начинот како се грижат за да ја сочуваат секоја информација за секој член на Кибуцот, во житијата, е навистина нешто што плени и што укажува на грижа за идните поколенија.

Во рамките на овој кибуц, има одреден мозаик, кој ги покажува 12 први фамилии, од кои се смета дека понатаму настанала човековата раса. Водичот од Кибуцот, ни објаснуваше, дека е можно денешните Евреи да имаат податоци, со кои ќе можат точно да одредат од која фамилија потекнуваат.

Галилеја, е место каде духовното смирение преовладува, каде се осеќа светоста на Исусoвите стапки.

  Рекат а Јордан

Крштевањето во реката Јордан е момент кој не смеете да го пропуштите. Точното место на кое е крстен Исус Христос не е точно познато, но овој дел се смета како место со најголема веројатност, дека токму таму се случило крштевањето.

Самиот чин значи прифакање на се она што Исус го проповедал, и прифакање на неговата мисија на земјата, роден за да умре, со што ги презел на себе гревовите на човечкиот род.

Природата е прекрасна, и невообичаено смирувачка. Ова е единственото место каде што успеаваме да видиме нешто што е на македонски напишано, поклон од Гевгелиска фамилија.

Витлеем

Во срцето на Палестина, се наоѓа едно од можеби најсветите места на ова земјина топка, црквата на раѓањето на Исус Христос. На истиот плоштад се наоѓа и џамија, и се случува во исто време да се слуша молитва од џамијата и чукање на камбаните од црквата. Овие два звука, на овој познат плоштад во Витлеем, даваат невидена хармонија, што само по себе е чудо на денешницата.

Црквата на рагањето на Исус, е во моментот во фаза на реставрирање, и е под надзор на три патриаршии, грчката, ерменската и калотичка.

На ова место, се молат и доаѓаат различни групи на луѓе, кои припаѓаат на различни религии. Зачудувачки е фактот, дека на ова свето место, припадниците на муслиманската вероисповест, покажуваат голем почит спрема Исус, кој го сметаат како едена важна фигура во нивната религија.

Ова место има енергија и смиреност, која ти дава сила да издржиш со часови стоење, за да дојдеш на ред, да се поклониш на местото каде е роден Исус. Искуството од таа посета тешко е да се искаже со зборови, потребно е да се почуствува. 

На неколку чекори погоре, во срцето на Витлеем, се наоѓа црквата која е подигната на местото каде Дева Марија за прв пат го надоила Исус. Според преданијата, на тоа место паднала капка млеко на карпата, од која целата карпа станала бела. Сега на тоа место се наоѓа преубава црква, поставени се икони, кои се уникатни и се карактеристични само за ова црква.

Ова место ја содржи во себе, убавата уникатна мајчина енергија, на која ретко кој може да биде имун.

Енергија која се запишува длабоко во нас, енергија која полека но сигурно те менува, и полека сваќаш дека не си истиот човек.

ЅИДОТ НА ПОДЕЛБА

Ова свето место е само неколку километри од едно од најгадните градби во човековата понова историја а тоа е зидот на поделбата, кој го дели Ерусалим на источен и западен.

Искрено се надевам дека што побрзо ќе го снема…

Приказната на Амро….

Овој ѕид покрај тоа што е физичка поделба помеѓу двата дела на Ерусалим, прави огромни поделби и во обичниот живот на оние кои таму живеат. Имавме прилика да запознаеме младо момче кое е од палестинскиот дел а кој е вљубен во Арапка со Израелско потекло. Набрзо нивната љубов треба да ја крунисаат со брак, но поради тоа што живеаат од двете страни на ѕидот, можат да се гледаат само три дена во неделата. Доколку момчето сака да добие израелско државјанство, мора да наполни прво 35 години, а сега има 23. Доколку добие израелско државјанство, веќе никогаш нема да може да влезе во палестинската територија за да ги види своите роднини. И покрај сите препреки, тие сепак решиле да бидат заедно…  

ЕРУСАЛИМ

Да се биде во Израел а да не се посети Ерусалим е недозволиво.

Ерусалим е светото јадро на трите најголеми  религии, центарот на светот, местото каде може да се сретнат локации на кои во исто време има остатоци од  црква, која е изградена и срушена, па на истото место синагога, изградена па срушена, па изградена џамија..местото кое е свето и за христијаните, и за евреите и за муслиманите, местото каде е создадено сѐ што е свето, но во исто време рушено  се што било свето и поново е се градено.

Градот е единстветото место каде се најблиску овие три религии, но и место каде се и најмногу поделени, што се гледа во организацијата на стариот град на Ерусалим, на четири дела, христијански, муслимански, еврејски и ерменски. Ерменците се смеатаат за најстарата христијанска нација, затоа што биле први кои јго примиле христијанството.

Ова место е по многу нешта поврзано со Исус и неговите последни денови, местото на Исусовата голгота.

Главната фигура на оваа слика е Ал Акса Џамијата, свето место за муслиманите. 

По преданијата, христијаните го чекаат повторното појавување на Исус, муслиманите го чекаат појавувањето на зелениот конец кој треба да ја поврзе Ал Акса со маслиновата гора а евреите чекаат да се појави како што тие викаат вистинскиот Месаја, но незнаат како точно треба да изгледа.

Маслиновата гора во која веќе Исус знае дека ке биде предаден, неговите молитви се отсликани во црквата на агонија, во која целиот амбиент ја покажува емотивната страна на Исус, во моментите кога знаел дека ќе биде предаден.

Просторијата на Тајната вечера, е сместена во еврејскиот дел од Ерусалим, и во неа историјата напишала неколку различни приказни. Постојат остатоци од различните настани.

Во близина на црквата се наоѓа и црквата каде се смета дека се погребани родителите на Исус, и таму е невозможно да се сликаат фотографии, едноставно не излегуваат.

Најинтересно место за секој христијанин е секако, гробот на Исус Христос, место кое е премногу значајно за секој христијанин. Она што е интересно е дека црквата каде се наоѓа гробот на Исус, е приватна сопственост на стара арапска фамилија, и клучот од гробот на Исус со децении и децении припаѓа во рацете на избраните луѓе од таа арапска фамилија.

Местото каде Исус е распнат е исто така дел од ова црква, и е поставено точно над местото каде е гробот на Адам. Крвта помешана со вино, која капела од телото на Исус, протекла низ гробот на Адам и од таму е симболиката дека Исус со неговото воскреснување, всушност ја измил целата вина на човечкиот род.

Следниот чекор, после воскреснувањето е познатиот обред кој го прават евреите, а тоа е миење на телото со масло. Плочата на која е извршен тој обред на Исус е местото кое во црквата пулсира со најголема енергија, и те тера да се вратиш неколку пати, да се помолиш, иако можеби си човек кој досега незнаел што е молитва. Мирисот кој се шири од тоа место, е способен да ги отвори и најтемните и најдалечните дамари во душата на секој човек.

Пследната дестинација во ова црква е секако гробот на Исус, кој е посебно заштитен, и место каде се создава најголемата гужва и најголемиот немир кога чекаш да влезеш и да го посетиш најсветото место за секој христијанин. Но секогаш очекувањата не се исполнуваат, редицата е голема, свештениците сакајќи да обезбедат сите верници да поминат, едноставно ја забрзуваат посетата и се е некако брзо. Откако го посетив гробот на Исус, првото нешто што почувствував е дека можеби тешко ми е да го поврзам местото кое го посетив со гробот на Исус, затоа што по моето верување, и по самата историја, Исус, не може да има гроб –па тој е човекот кој воскресна… Но навистина плени, отворот над гробот на Исус, кое делува како вистинско сонце, и дава чувство на посебност. 

Покрај религиозната приказна, која го обележа ова патување, неизоставен дел е и музејот на Холокаустот, кој збори за една страшна вистина, за една застрашувачка историја, која искрено се надевам нема да се повтори. Музејот е поебна приказна, и еден од нај уникатните музеи, кои целосно ја доловуваат сликата на ужасите кои се случиле во минатиот век. Направена е посебна библиотека, со испишани житиа, за скоро сите жртви од холокаустот, што е зачудувачко. Посебно трогателен е делот од музејот, кој е посветен на децата жртви на холокаустот, во кој има запалено толку светилки, колку што биле деца убиени. Потресно и величестевено во исто време, величествено затоа што не ги заборавиле, затоа што споменот за нив е сеуште жив, секој од нив има свое место во музејот. Овие работи ги прават евреите уникатни, во однос на она што им се случило, и уникатни во однос на тоа како се однесуваат кон својата историја. Мислам дека многу од домашните и светските политичари, би требало да одат на обука во Израел, минимум три години, за да увидат како се чува историја, како се почитува, како се запишува, како се чува и почитува народното богатство. Болката е можеби нај јакото оружје во рацете на евреите, кое ги направило да бидат она што се денеска.

ЅИДОТ НА ПЛАЧОТ

Ѕидот на плачот е свето место за евреите. Тоа е еден од ѕидовите на вториот храм на еврите кој бил срушен во дамнешно историско време. Местото каде евреите се молат, секојдневно, место каде жените и мажите одвоено се молат, месото каде според евреите се случиле најголемите настани кои го доодбележале човештвото, тоа е местото каде се наоѓа каменот од кој е основан светот, раѓањето на првиот човек Адам, местото каде Аврам му служел на бог, проповедањето на Исус, првиот храм на евреите.

МРТВО МОРЕ

Уште една специфика, која го двои Израел од другиот дел од светот, а тоа е најниската точка на земјината топка тоа е Мртвото море, кое се наоѓа на -473 метри под она што се смета како нулта точка. Во тој дел кој е пустински, функционира перфектно фабриката за производство на козметички производи. Секој кој малку има познавање од тоа што се е потребно за една фабрика да почне да работи и да може да функционира, ќе свати колку чуда имаат направено евреите, кои денеска овозможиле непрекинато производство на една од најквалитетните линии на козметички производи.

Мртвото море е најсоленото и најмрсното море во исто време, кое има позитивни ефекти врз здравјето налуѓето. Она што веднаш се чувствува како здравствен бенефит, е исфралњето на вишокот течност од телото, што во превод би значело исфрлање на насобрани токсини.

Во близина на мртвото море, се наоѓа едно од најважните места за светските религии, местото каде се најдени пергаментите кои биле преведувани, и од кое е напишан Стариот завет.

Ја завршивме посетата на светата земја, со прекрасниот ден поминат на Мртвото море, и секако највозбудлиот дел е проверката од страна на израелските служби, пред да го напуштиме Израел, прашањата од типот кој ви го спакува куферот, дали некој ви дал поклон, зашто знаете може да биде и ескплозив, се навистина груби, но ни во еден момент, неможат да ја нарушат светоста на тоа парче земја, и чувството на исполнетост што успеа таа земја да го разбуди во нас.

Двајца луѓе од тоа парче земја, ја обележаа светската историја, едниот е секако ИСУС, кој дваесет и еден век, е будното око на светската духовност, и вториот е секако Ајнштанј, кој е секако еден од најголемите умови во светската историја. Овие двајца се една од причините зошто овде се наоѓа центарот на светот.

Од центарот на светот, утврдени се растојанијата до поголемите светски дестинации, се е многу блиску, вреди да се посети.

Дефинитивно, Израел е се она што никогаш, не сте го очекувале, нешто што ќе ве допре најслилно, што ќе ве промени неосетно, но многу суштинско.

Следуваат фотографии од целото патување.

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Патот на аџиите - репортажа од Израел

Тимот на 10-ка Ви благодари за прекрасното искуство што го споделивте со нас.


Доколку ви се допадна оваа објава,споделете ја на социјалните мрежи:

Хуманитарна ревија на автомобили во АСУЦ
ФОЛКЛОРНА ПРИКАЗНА АНСАМБЛ "СТУДИО ФОЛКЛОР"

Post Author: